• среда, 27 ноември 2024

На Пониква се одржува вториот Национален камп за млади информатичари

На Пониква се одржува вториот Национален камп за млади информатичари

Кочани, 1 јули 2024 (МИА) – Во планинскиот центар Пониква на Осоговските Планини денеска почна вториот Национален камп за млади информатичари, чиј организатор е здружението „Бистри умови“ од Кочани, со поддршка од Здружението на информатичари на Македонија.

На еднонеделниот камп ќе учествуваат најдобрите 12 ученици информатичари од државата со кои ќе работат по четири професори и студенти ментори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје.

- Годинава кога го одбележуваме првиот роденден на нашето здружение, по втор пат сме домаќини и организатори на подготвителниот камп за информатичарите кои ќе ја претставуваат државата на претстојните меѓународни олимпијади по информатика. Учесниците се поделени во три тима од по четири ученици во сениорска и јуниорска конкуренција, како и еден женски тим. Во изминатиот период обезбедивме финансиски средства и ги дониравме на Здружението на информатичари за патните трошоци на натпреварувачите на меѓународните натпревари. Исто така, организиравме бесплатни курсеви по математика и информатика за повеќе од 400 ученици од целата држава, а бевме дел и од организацијата на јуниорската Балканска олимпијада, што во ноември минатата година се одржа во Струмица, истакна Анита Атанасова Грчев, претседателка на Здружението „Бистри умови“.

Од кочанското здружение најавија кандидатура за организирање на Балканската олимпијада по информатика во сениорска конкуренција, чиј домаќин треба да биде нашата земја.

- На кампот на Пониква ги подготвуваме најдобрите информатичари од основно и средно училиште кои ќе ја претставуваат државата на европско и светско ниво. Не е лесно од мала земја, со помалку два милиона жители, да се избере тим од четири натпреварувачи, во споредба со земји како што се Јапонија или Кина, меѓутоа се трудиме и ги зголемуваме шансите максимално, така што сме на солидно ниво. Годинава и организирањето на Балканската олимпијада ни е предизвик затоа што ќе учествуваат тимови од 13 земји, а сега сме во фаза на барање спонзори за да ги покриеме трошоците како домаќини. Секоја поддршка од приватниот бизнис сектор е добредојдена, со оглед што помош од државните институции досега не сме имале, истакна Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија.

На подготовките на кампот на Пониква присуствуваат учениците кои ќе се натпреваруваат на Европската јуниорска олимпијада што ќе се одржи во август во Молдавија и на Балканската олимпијада по информатика, закажана за септември во Босна и Херцеговина.

Во сениорска конкуренција се подготвува тимот ученици кои во септември ќе бидат македонски претставници на Светската олимпијада во Египет, како и тимот кој ќе ја претставува државата на Европската женска олимпијада по информатика, што овој месец ќе се одржи во Холандија. та/ир

Фото: МИА

Остани поврзан