• среда, 25 декември 2024

На повидок еколошка катастрофа во Калиманско Езеро

На повидок еколошка катастрофа во Калиманско Езеро
Делчево, 5 јануари 2022 (МИА) - Шишиња, ќеси, најразлична пластична амбалажа и цврст отпад, ваква е сликата која деновиве може да се забележи на Калиманско Езеро по поплавите кои во декември минатата година го зафатија Пијанечко-малешевскиот регион, зголемувајки ја опасноста од еколошка катастрофа во Калиманско Езеро. Поради надојдените води на реката Брегалница и нејзините притоки, најголем дел од отпадот од дивите депонии кои се наоѓаа покрај речните корита заврши во Калиманско Езеро, што е директна закана за животинскиот свет во езерото.
За ваквата состојба реагираа граѓани, кои велат дека итно треба да се преземе акција со цел езерото да биде исчистено.
-Бараме надлежните органи да преземат соодветни мерки, како би ја спречиле оваа честа и несакана појава во водите на Калиманско Езеро. Отпадот го донесе река Брегалница, која заедно со своите притоки од општините Делчево, Пехчево и Берово се влева во езерото. Поради покачениот водостој, реката Брегалница во водите на Калиманци, со себе го носи и со години одложуваниот отпад покрај своето речно корито, што е најверојатна причина за оваа несакана појава, велат загрижени граѓани.
Граѓаните предупредуваат дека оваа појава ја има на целата површина од езерото и апелираат навремено да се пристапи кон чистење на отпадот, како би се спречила оваа еколошка катастрофа.
Според нив, чести се и пријавите  за помор на риби во река Брегалница што ја прави најголем загадувач на водите во Калиманското Езеро.
Реакција за оваа појава од други субјекти вклучително и еколошки и риболовни друштва засега нема. Во насока на подигање на свеста кај граѓаните за ваквата појава досега реагираше делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој за време на поплавите истакна дека фрлањето ѓубре во реката освен што ја загадува водата, го блокира природното движење на водотеците, со што дополнително придонесува и за загадување на блиската околина. вс/мд/

Остани поврзан