• четврток, 19 декември 2024

На конвенција во Куманово претставени кандидатите на коалицијата на СДСМ за градоначалник и за советници

На конвенција во Куманово претставени кандидатите на коалицијата на СДСМ за градоначалник и за советници
Куманово, 27 септември 2021 (МИА) - Кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Куманово, Оливер Илиевски и кандидатите за советници, предводени од носителката Атина Мургашанска вечерва од пред градскиот базен ја побараа поддршката од кумановци, ветувајќи реална остварлива програма со конкретни проекти. Презентирајќи го кандидатот за градоначалник, потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека кумановци отсекогаш знаеле да направат вистински избор и дека овој пат ќе се определат за „европско Куманово, современ одраз на еснафскиот град кој го граделе предците“. Тој рече дека кумановци се сеќаваат, на како што нагласи, заплашувањата, поделбите, изолацијата и дека кумановци во ниту еден момент не заборавиле. Зборувајќи за кандидатите за советници и за кандидатот за градоначалник на коалицијата на СДСМ, Спасовски истакна дека кумановци гласајќи за нив ќе направат вистински избор. - Познавајќи ве, чувствувајќи го секој здив на овој град, убеден сум дека вашиот избор ќе ги рефлектира вашите надежи, а не вашите стравови. Вашите светли визии, а не вашите 12-годишни кошмари. Затоа вечерва пред вас е најдоброто - за граѓаните, за вашето семејство, за вашето маало, за Куманово - Оливер Илиевски, како наш кандидат за градоначалник и листата на 33 кандидати за советници од редовите на СДСМ и коалицијата, предводена од Атина Мургашанска. Станува збор за квалитетни и докажани личности од различни сфери на општественото живеење, совршен микс на младост и искуство, на полетност и ентузијазам, во корелација со искуство и професионален бекграунд, кој ќе донесе заедништво и развој на овој град, рече Спасовски. Програмата, нагласи тој, е темелна и остварлива и ќе добие поддршка од Владата. Кандидатот за кумановски градоначалник Оливер Илиевски рече дека Куманово ќе се изгради во модерен град, со нови паркови, спортски терени, проширен кеј, булевар, градски стадион, чист, зелен град. Тој на ВМРО ДПМНЕ им порача дека за 12 години изградиле само две тениски игралишта, на министрите и Владата дека од нив ќе побараат поддршка за капитални проекти, а на општинската администрација дека тимски треба да се вклучи во акција за поубаво Куманово. - СДСМ ја нуди најдобрата понуда за Куманово, СДСМ ја нуди најбогатата програма за кумановци затоа што програмата ја пишувавме систематски цела година, правевме анкети на граѓаните, одевме прашувавме по населби, пресметавме за секоја инвестиција колку пари ќе чини, најдовме од каде кој проект ќе се финансира и го ставивме во програмата. Затоа во програмата има проекти за најмалите, за младите, за возрасните, за сите населби и села, за сите кумановци. Затоа ги повикувам сите граѓани, Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи и сите останати, ние сите заедно на 17 октомври да излеземе на избори и да го избереме најдоброто за Куманово, рече Илиевски. Носителката на листата, Атина Мургашанска, пак, нагласи дека на ова место се вистинските социјалдемократи, кои ќе го направат мнозинството во Советот. сп/

Остани поврзан