• вторник, 24 декември 2024

На Деве Баир за влез во земјава чекаат повеќе патнички и товарни возила

На Деве Баир за влез во земјава чекаат повеќе патнички и товарни возила

Скопје, 4 февруари 2023 (МИА) - На граничниот премин Деве Баир за влез во земјава чекаат поголем број патнички и товарни возила. Возилата не се пропуштаат поради пад на компјутерскиот систем на сите гранични премини во државата. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека се работи на оспособување на системот и дека се пропуштаа само итни случаи.

Портпаролката на СВР Куманово, Ивана Младеновска потврди дека две возила од бугарска страна самоиницијативно се вратиле не сакајќи да чекаат да се поправи компјутерскиот систем. 

За прекинот информираа и вработените на бугарскиот премин Ѓуешево, кои велат дека преминувањето е прекинато поради пад на системот, а лицата кои сакаат да излезат од Бугарија, чекаат во меѓуграничниот простор, јави БТА и додаде дека на местото има околу сто лица. 

Првите бугарски државјани, кои тргнале да присуствуваат на одбележувањето на 151 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, ја преминале границата рано изутринава, а официјалната бугарска делегација ја преминала околу 5:30 часот изутринава по бугарско време, информираат од граничниот премин Ѓуешево.

На граничниот премин се и претставници на фондацијата „Македонија“, меѓу кои и лидерот Виктор Стојанов. 

-Властите на Република Северна Македонија требаше организирано ги земат луѓето и со автомобили, заедно со придружба да стигнат на гробот на Гоце Делчев во Скопје. Идејата беше заедно да се поклониме во негова чест. Сакавме тоа да го сториме заедно, но заради мерките за безбедност и обидите за провокации нема да биде возможно. Планираме уште пет-шест чествувања на клучни датуми и се надевам дека ќе има помалку полиција и повеќе луѓе од двете страни на границата заедно, како бража да ги чествуваме нашите заеднички херои. Луѓето не треба да паѓаат на провокации. Искрено се надеваме дека полицијата во Скопје ќе се погрижи да го исполни она што претходно го вети и дека ќе бидат спречени сите обиди за провокации, изјави Стојанов за БТА, кој изрази зачуденост поради тоа што на некои новинари не им бил дозволен влез во Северна Македонија.  

Како што јави БТА во земјава не им бил дозволен влез на новинар од „Њус 24“ и на негов колега, а како што изјави новинарот Тодор Стефанов, тој и неговиот колега немале акредитации, одобрени од МВР и рече дека никој не им побарал да се акредитираат.  

На граничниот пункт Логодаж, кај Благоевград, пак, состојбата е мирна. Како што јави БТА во раните утрински часови преку преминот минале неколку автомобили, а немало ниту голем број товарни возила. ид/ац/

Остани поврзан