• сабота, 23 ноември 2024

Наџиб Разак мора да исплати речиси 400 милиони долари даночен долг

Наџиб Разак мора да исплати речиси 400 милиони долари даночен долг
Куала Лумпур, 22 јули 2020 (МИА) - Малезиски суд му наложи на поранешниот премиер Наџиб Разак да подмири околу 400 милиони долари неплатен данок за седум години колку што бил на власт. Наџиб загуби на парламентарните избори во 2018 година, кога народот го осуди поради наводна раширена корупција во неговата влада. Тој се соочува со повеќе обвиненија за корупција и злоупотреба на службената положба, поврзани со кражба на милијарди долари од државниот Фонд за развој (1МДБ), наведуваат малезиските обвинители. Спроведена е и одделна истрага од страна на американското Министерство за правда, со цел да се открие кој имот е купен со наводно украдените средства од 1МДБ, што бил најголем случај кој го истражувал одделот во рамки на својата програма за истраги на клептократија. Поранешниот малезиски премиер ги отфрли сите обвиненија против него. Висок судија истакна дека поранешните премиери не се изземени од плаќање данок и Наџиб ќе мора да го исплати својот долг. Даночните власти минатиот јуни поднесоа тужба против Наџиб за поврат на неплатениот данок во периодот од 2011 до 2017 година, вклучувајќи ги казните и каматите. Наџиб беше премиер на Малезија од 2009 до 2018 година. Тој го основал фондот 1МДБ, од кој се украдени околу 4,5 милијарди долари, тврдат американски и малезиски власти. гт/

Остани поврзан