• понеделник, 23 декември 2024

Најмалку 44 луѓе загинаа во израелските напади врз Рафа

Најмалку 44 луѓе загинаа во израелските напади врз Рафа

Газа, 10 февруари 2024 (МИА) – И покрај апелите и предупредувањата од меѓународната заедница за хуманитарна катастрофа, продолжуваат израелските напади врз Рафа, при што загинаа најмалку 44 луѓе.

Израел тврди дека градот на границата со Египет е последен бастион на Хамас на територијата на Појасот Газа.

Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара од армијата да подготви план за евакуација на стотици илјади луѓе од јужниот дел на Појасот Газа воочи копнената офанзива. Нетанјаху не откри детали или временски рокови. Исто така не е јасно каде би можеле да одат цивилите ако го напуштат Рафа. Израелската армија речиси секојдневно го бомбардира градот иако им нареди на цивилите да се засолнат во Рафа поради борбите во Кан Јунис.

Повеќе од половина од 2,3 милиони луѓе во Појасот Газа се собраа во Рафа, од кои многумина беа протерани од своите домови по претходните израелски наредби за евакуација кои зафатија две третини од територијата на енклавата.

Изминатите денови најавите за офанзивата врз Рафа ги зголемени тензиите помеѓу Нетанјаху и администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Според Вашингтон, офанзивата врз Рафа без план за цивили ќе предизвика катастрофа.

Палестинското исламистичко движење Хамас, пак, предупреди дека израелската офанзива против Рафа може да предизвика „десетици илјади загинати и повредени“.

- Предупредуваме на катастрофа и масовни убиства што може да доведат до десетици илјади маченици и повредени, се наведува во соопштението на Хамас, при што се додава дека „американската администрација, меѓународната заедница и израелските окупатори ќе сносат одговорност за можните последици“.

Шефот на египетската дипломатија Самех Шукри предупреди дека секоја израелска копнена офанзива во Рафа ќе има „катастрофални последици“. Според него крајната цел на Израел да ги исели Палестинците од нивната земја.

И Германија и Саудиска Арабија апелираа Израел да не започнува офанзива во Рафа, бидејќи тоа ќе доведе до „хуманитарна катастрофа“.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел претходно на Икс објави дека израелските планови за воена офанзива во Рафа во Појасот Газа се „алармантни“ и таквата операција ќе има катастрофални последици, влошувајќи ја и онака лошата хуманитарна ситуација.

Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, Денис Френсис синоќа изјави дека е вџашен од планираната израелска воена офанзива врз градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

- Во име на човештвото барам да се слушне нивната мака и да се одговори на нивните молби. Уште еднаш ги повторувам барањата на Генералното собрание на ОН за итен хуманитарен прекин на огнот, почитување на обврските на сите страни според меѓународното хуманитарно право и безусловно ослободување на сите преостанати заложници, истакна Френсис. ми/

Остани поврзан