• вторник, 21 април 2026

Најмалку 25 лица ранени во синоќешните руски напади врз Украина

Најмалку 25 лица ранени во синоќешните руски напади врз Украина

Киев, 21 април 2026 (МИА) - Најмалку 25 лица, од кои 15 во пограничниот град Суми, се ранети во нападите со руски беспилотни летала во текот на изминатата ноќ - соопштија украинските власти.

Украинските воздухопловни сили прецизираа дека Русија во текот на ноќта лансирала две ракети и 143 дрона. Од нив, соборени се една ракета и 116 беспилотни летала.

Локалните власти известија дека во Суми се ранети најмалку 15 лица. Спасувачките служби објавија снимки од евакуација на граѓани од станбени згради, на кои им е нанесена значителна материјална штета. Покрај ова, пријавени се тројца ранети во областа Харков и уште тројца во градот Славјанск, а во областа Днепропетровск се повредени четири лица.

Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните системи за противвоздушна одбрана собориле 97 украински дрона во текот на ноќта.

Истовремено, локални медиуми јавуваат дека 246 пожарникари сè уште се борат со големиот пожар во црноморското пристаниште Туапсе повеќе од 24 часа по украинскиот напад со беспилотни летала. Туапсе е клучен дистрибутивен центар за извоз на нафтени деривати. ссм/јт/

фото: архива

Остани поврзан