• понеделник, 23 декември 2024

Најмалку 25 загинати и речиси 50 повредени во експлозија на железничка станица во Пакистан

Најмалку 25 загинати и речиси 50 повредени во експлозија на железничка станица во Пакистан

Исламабад, 9 ноември 2024 (МИА) - Најмалку 25 лица загинаа, а речиси 50 се повредени во денешната експлозија на бомба на железничка станица во Пакистан, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на локалните власти, локалната полиција и локалните медиуми.

Се очекува бројот на жртвите да се зголеми бидејќи во моментот на експлозијата на станицата имало стотици луѓе.

Нападот се случил на железничката станица во југозападниот град Квета, административен центар на провинцијата Белуџистан, токму во моментот кога експресниот воз тргнувал за Пешавар, главниот град на Хајбер-Пахтунхва.

Според истражителите нападот најверојатно бил самоубиствен напад, јави ДПА.

Генералниот полициски инспектор на Белуџистан, Васим Баиг, изјави дека цел на нападот биле ученици и војници од локалната пешадиска школа кои биле во станицата, пренесуваат британските медкуми. Според досегашните сознанија 14 од жртвите се воени лица.

Одговорноста за нападот ја презеде Ослободителната војска на Белуџистан, група од етнички белуџи која се бори за независност на покраината.

Минатата недела истата група уби двајца кинески инженери во Карачи и 20 рудари во два одвоени напади, јави ДПА. сд/

фото:Скриншот од Ал Џезира

Остани поврзан