Најмалку осум американски телекомуникациски компании и десетици земји биле погодени од кинески хакерски напади
- Најмалку осум американски телекомуникациски компании и десетици земји беа погодени од кинески хакерски напад, изјави заменик-советничката за национална безбедност во Белата куќа, Ен Нојбергер.

Вашингтон, 5 декември 2024 (МИА) – Најмалку осум американски телекомуникациски компании и десетици земји беа погодени од кинески хакерски напад, изјави заменик-советничката за национална безбедност во Белата куќа, Ен Нојбергер.
Таа соопшти дека како резултат на хакерскиот напад, протекле лични пораки и телефонски записи на непознат број Американци.
Според американските власти, хакерите имале пристап и до комуникациите на високи владини функционери и истакнати политички личности.
- Не веруваме дека некаква доверлива информација била компромитирана, изјави Нојбергер.
Таа истакна дека релативно малку луѓе биле цел на нападот, така што протекле релативно малку телефонски повици и СМС пораки.
Нојбергер додаде дека сите засегнати компании одговориле на нападот, но ниту една сè уште „целосно не ги отстранила кинеските учесници од тие мрежи“.
- Така што, постои ризик од континуирано компромитирање на комуникациите. Додека американските компании не ги решат празнините во кибер-безбедноста, Кинезите најверојатно ќе го задржат пристапот, рече Нојбергер.
Таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за хакерските напади и оти Белата куќа „и го поставила како приоритет на федералната влада да стори сè што е можно за да дојде до оние што стојат зад нападите“.
Кинеската Амбасада во Вашингтон ги отфрли обвинувањата дека има некаква врска со хакерските напади. јт/