• сабота, 23 ноември 2024

Најмалку двајца загинати во циклонот на Фиџи, уништени десетици домови

Најмалку двајца загинати во циклонот на Фиџи, уништени десетици домови
Сува, 18 декември 2020 (МИА) - Најмалку две лица настрадаа во силниот циклон што синоќа ја погоди островската држава Фиџи во Пацификот, а уништени се десетици домови, соопштија денеска властите. Директорката на Националната канцеларија за управување со катастрофи, Васити Соко изјави дека циклонот го погодил островот со налети на ветер од 345 километри на час и дека властите ќе продолжат да ја проценуваат штетата во наредните денови, иако се очекува да изнесува стотици милиони долари. Центарот на циклонот се движеше преку островот Вануа Леву од синоќа околу 18 часот, го заобиколи главниот град Сува и главниот туристички центар Нади на најголемиот остров на Фиџи, Вити Леву. Властите соопштија дека циклонот денеска е ослабнат и се движи југоисточно преку некои од надворешните острови на Фиџи, но предупредија на опасност од поплави. Владата на Фиџи наведе дека реката Рева се полни поради дождот што паѓа без прекин. Поради невремето, повеќе од 20.000 луѓе се сместени во владините центри за евакуација. Невремето ги прекина и далноводите, комуникациите и предизвика поројни поплави и прекини на патиштата. Фиџи е на третина од патот од Нов Зеланд до Хаваи и има околу 930.000 жители. паг/  

Остани поврзан