• понеделник, 23 декември 2024

Најбогатиот Индиец организира раскошни предсвадбени веселби во чест на син му

Најбогатиот Индиец организира раскошни предсвадбени веселби во чест на син му

Њу Делхи, февруари 2024 (МИА) - Најбогатиот човек во Индија, Мукеш Амбани ќе биде домаќин на раскошни прослави во пресрет на венчавката на својот син, па вчеравечер почести повеќе од 50.000  гости.

Меѓу присутните на венчавката, како што пренесуваат светските медиуми, се очекуваат бројни светски познати личности, како шефови на големи меѓународни компании, боливудски ѕвезди, поп-пејачи и политичари.

Амбани (66), претседател на нафтениот и телекомуникациски гигант „Релајенс индустрис“, е најбогатиот човек и во Азија, според списокот милијардери на „Форбс“. Неговото богатство се проценува на повеќе од 114 милијарди долари. Тој и неговата сопруга Нита, придружувани од нивниот син Анант и неговата свршеница беа домаќини на почетокот на прославите во градот Јамнагар во индиската сојузна држава Гуџарат.

Анант Амбани (28), кој е член на управните одбори на неколку компании во сопственост на „Релајенс“, годинава треба да се ожени за Радика Мерчант - ќерка на индиски индустријалец.

Амбани, инаку, веќе ја организираше најскапата венчавка во Индија, за својата ќерка Ajшa, во 2018 година, којашто чинеше 100 милиони долари, со концерт на американската поп-ѕвезда Бијонсе.

На прославите за синот на богаташот ќе настапат пејачката Ријана, илузионистот Дејвид Блејн и боливудската ѕвезда Диџит Досанџ. Меѓу истакнатите гости ќе бидат основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, директорот на „Мета“, Марк Закерберг и неколку политички лидери - сегашни и поранешни, според списокот на гости што го пренесуваат тамошните медиуми. Се очекува да дојдат и Иванка Трамп, ќерка на поранешниот американски претседател Доналд, поранешните шведски и канадски премиери Карл Билт и Стивен Харпер, Кралот на Бутан и боливудските ѕвезди Амитаб Бачан и Шахрух Кан.  си/паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан