Најавена самоуправувачка „Хонда“ со вграден „Сони плејстејшн 5“
- Претседателот на заедничкиот проект меѓу двете компании, Изуми Каваниши појасни дека технолошки е можно да се вметне тој уред во автомобилот.
Токио, 22 ноември 2022 (МИА) - Јапонските компании „Сони“ и „Хонда“ размислуваат да вградат конзола „Плејстејшн 5“ во претстојниот нов електричен самоуправувачки автомобил - заради повеќе забава.
Претседателот на заедничкиот проект меѓу двете компании, Изуми Каваниши појасни дека технолошки е можно да се вметне тој уред во автомобилот. „За да уживате во автомобилот, треба да има и простор кога нема потреба да возите“, рече Каваниши и, сепак, призна дека ќе биде потребно уште доста време за да се постигне целта. И „Тесла“, инаку, лани почна со испорака на „Модел С“ и „Модел Икс“ со поголеми хоризонтални екрани и графички чип „АМД РДНА 2“ за којшто извршниот директор на Тесла, Елон Маск рече дека е „буквално на ниво на 'Плејстејшн 5',“ а нешто повеќе од една година подоцна, Маск вети и видеоигри како „Сајберпанк 2077“. Но, „Сони“ не сака само „да ги стави“ игрите во автомобилите - планот е „да го развие автомобилот како хардвер“ и тоа всушност да биде електрично возило кое ќе биде „уред на тркала“ за забава и за „трошење на содржината“. Целта е да се произведе самоуправувачко возило. „Сони“ е задолжен за забавниот дел - софтверот, сензорите и технологијата за самоуправувачко возење, додека „Хонда“ ќе ги произведува автомобилите. Задачата нема да биде лесна, бидејќи и „Тесла“ има бројни проблеми со самоуправувачките системи. си/сд/