• сабота, 23 ноември 2024

Четврто издание на меѓународната летна школа „Курирање во контекст“ во Струга

Четврто издание на меѓународната летна школа „Курирање во контекст“ во Струга

Скопје, 25 август 2024 (МИА) – Меѓународната летна школа „Курирање во контекст“ ќе се одржи од 25 до 31 август 2024 година во Струга.

Како што информираат организаторите од организацијата „Локомотива“ четвртото издание на школата нуди уникатна платформа за реобмислување на кураторските практики во современата уметност и пошироко. 

Овогодинешното издание брои седум учесници кои ќе се вклучат во серија работилници, предавања и колаборативни проекти, а предавањата ќе бидат отворени за јавноста.

Паралелно со летната школа, Локомотива ќе биде домаќин и на Модуларното училиште, организирано во соработка со „Номад танц академија Хрватска“ со која учесниците ќе имаат размени.

Модуларното училиште е програма фокусирана на полето на изведувачките уметности и современиот танц и обединува пет учесници кои ќе се вклучат во збогатена размена на идеи и практики со учесниците на летната школа. 

Учесниците на Модуларното училиште ќе организираат дневни сесии за работа на телото и споделување на нивните кореографски и перформативни практики, заедно со присуство на некои од предавањата.

Дополнително, тие ќе организираат отворено предавање за сите заинтересирани присутни во Струга.

Соработката има за цел да ги прошири перспективите на двете групи, поттикнувајќи ги интеракциите помеѓу уметниците и културните работници од различни потекла, генерации и искуства.

Покрај работилниците и предавањата, учесниците ќе се вклучат во колаборативни проекти, индивидуална работа и посети на културно значајни места како што е селото Вишни, во организација на ИНКА – Иницијатива за независен културен активизам.

Меѓународната летна школа „Курирање во контекст“ 2024 година е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Гете институт – Скопје, Фондацијата Хајнрих Бол и Performance Situation Room / LLB 3 проектот поддржан од Креативна Европа. ар/цр
Фото: Локомотива 

Остани поврзан