• сабота, 23 ноември 2024

Црната комедија „Бардо Тодор“ ќе се одигра во Битола

Црната комедија „Бардо Тодор“ ќе се одигра во Битола

Скопје,  11 јуни 2024 (МИА) - По премиерата во општините Могила и Новаци, битолчани вечер „Во паркот кај саатот“, ќе имаат прилика да ја проследат црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, што е изготвенa во продукција на „New Clаp“, а поддржана од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Автор на претставата е Сашо Кокаланов, а режисер - Сашо Миленковски.

-„Бардо Тодор“е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоцентрала со коп на јаглен, приклештени во противречноста - убиецот да им е и главен работодавец. Приказните се пародија направена според мотиви од приказните за треската, борџот и чумата на Марко Цепенков, како и „Бардо Тодор“, тибетски будистички текстови за искуството на душата по смртта, во западниот свет книга позната како „Тибетска книга на мртвите“, наведе авторот Кокаланов за претставата.

Тој посочи дека идејата била да се направи драмска нарација во која, паралелно, преку современи ликови и преку нивно карикирање во духот на антологиските ликови од народните преданија, ќе се зборува за апсурдноста на прифаќањето на реалноста да се живее во близина на масовен убиец само затоа што тој убиец обезбедува некаква егзистенција.

-Едночинката ќе се игра на отворено, за да му се даде можност на Комбинатот (РЕК Битола) да биде лик во комедијата. Притоа, ќе се обидеме да испратиме некои пораки за потребата од праведна транзиција - убиецот да се затвори, но притоа крајот да не се опустоши, истакна Кокаланов.

Од „Еко-свест“ нагласија дека ваквиот тип на претстави се наменети да допрат до широката јавноста за потребата да се направат промени во однос на производството на електрична енергија од фосилни горива, што носи страшни последици врз здравјето на луѓето.

-Струјата која доаѓа од јагленот е валкана енергија која ги труе луѓето и го загадува воздухот кој го дишеме, водата што ја пиеме и почвата каде садиме храна. Здравјето на луѓето кои живеат близу електраната е загрозено, но и здравјето на населението во целата држава. Постои начин да се направи етапна транзиција кон обновливи извори кои не загадуваат, без да се направи штета на економскиот развој на регионот, а локалните заедници се оние кои треба да ја започнат иницијативата за промена, потенцираа од „Еко-свест“.

Претставата која на сатиричен начин носи силна порака, ја доживеа својата премиера во Могила и Новаци. дма/лв/

 

Фото: Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“

Остани поврзан