Црвениот крст организира настан за промоција на првата помош и значењето на навремената реакција при итни ситуации
- По повод 17 март – Денот на формирањето на Црвен крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителството во Република Северна Македонија, денеска во Скопје се организира настан посветен на промоцијата на првата помош по мотото „Култура на безбедност - здрава заедница“.
Скопје, 24 март 2026 (МИА) - По повод 17 март – Денот на формирањето на Црвен крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителството во Република Северна Македонија, денеска во Скопје се организира настан посветен на промоцијата на првата помош по мотото „Култура на безбедност - здрава заедница“.
Како што информираат од Црвен крст, на настанот денеска од 11:00 до 13:00 часот на Плоштадот „Македонија“ ќе бидат поставени едукативните пунктови на кои ќе бидат претставени симулации на прва помош со различни сценарија, ќе биде демонстрирана првата помош од обучени волонтери и животоспасители, како и обучени кадри од МВР и АРМ, а претставен ќе биде и Интервентниот тим на ЦКРСМ.
-Првата помош претставува клучен елемент за спасување живот и создавање побезбедна и поотпорна заедница. Преку курсеви, едукативни кампањи и јавни настани, Црвениот крст континуирано работи на едукација на населението и подигање на јавната свест за важноста од навремена и соодветна реакција во итни ситуации, посочуваат од Црвен крст.
На настанот ќе присуствува и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, кој ќе ја прими јубилејната плакета за Град Скопје која ја доделуваат Црвен крст по повод 80 години функционирање на организацијата. Ќе бидат присутни и претставници на Министерство за внатрешни работи и Министерство за одбрана, гости, партнери, волонтери, пријатели и поддржувачи.
Со ваквите активности, Црвениот крст придонесува кон создавање побезбедни, поздрави и поотпорни заедници, во кои секој граѓанин може да биде подготвен да помогне. фф/са/
Фото: МИА Архива