• недела, 01 февруари 2026

Судиите избираат член на Судскиот совет од немнозинските заедници

Судиите избираат член на Судскиот совет од немнозинските заедници

Скопје, 29 јануари 2026 (МИА) – Судиите денеска на непосредни избори гласаат за нов член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на заедницата која е повеќе од 20 % од населението. 

Право на глас имаат сите 418 судии запишани во Судскиот изборен именик. Гласањето почнува во 8 часот и трае до 15 часот во изборните места во сите судови во земјата по што на јавна седница се објавуваат резултатите.

null

На кандидатската листа судиите на непосредни избори ќе гласаат за еден од шестемина кандидати: Африм Јакупи (судија на Апелацискиот суд Гостивар), Садула Иазири (судија на Основен суд Тетово), Улбер Хасани (судија на Основен граѓански суд Скопје), Хасан Асани (судија/претседател на Основен суд Тетово), Џемали Саити (судија на Врховен суд) и Шпреса Граинца-Османи (судија на Основен кривичен суд Скопје).

Судскиот совет за претседател на комисијата за спроведување на изборот го избра судијата Осман Шабани од Апелацискиот суд Скопје, а за негов заменик судијата од Основниот кривичен суд Скопје, Илија Трпков.

Огласот за избор на член на Советот од редот на судиите припадници на заедницата која е повеќе од 20 % од населението Судскиот совет го објави на 20 ноември 2025 година.

Изборот е на местото на судијата Ханиф Зендели од Апелацискиот суд Гостивар, чиј шестгодишен мандат истекува. Зендели за член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на заедницата која е повеќе од 20 % од населението беше избран на 22 јануари 2020 година.

Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца се на предлог на претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор. аа/са/ 

Фото: МИА архива

Остани поврзан