• сабота, 23 ноември 2024

„Сенката на звукот“ - изложба на дигитални цртежи на Владимир Мартиновски

„Сенката на звукот“ - изложба на дигитални цртежи на Владимир Мартиновски

Скопје, 28 септември 2024 (МИА) - Изложба на дигитални цртежи насловена „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски ќе биде отворена вечер во 19 часот во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј на град Струмица. Ја организира Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ како дел од годинашната 14-та манифестација „100 Илјади поети за промена“.

„Сенката на звукот“ се состои од 12 цртежи (дигитален принт) кои тематски ја поврзуваат музиката, поезијата и ликовниот израз на Мартиновски.

-Под влијание на музичките фестивали кои редовноги посетува, тој најде инспирација неговите емоции, чувства и размисли визуелно да ги изрази преку создавањето на овој циклус дела. Оваа изложба е своевидна презентација во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството. Дигиталните цртежи визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Освен со дигитални цртежи, тој се има претставено со уште две изложби, на фотографија и цртеж, соопшти организаторот на изложбата. 

Владимир Мартиновски (Скопје,1974) е актуелен декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде што е редовен професор на Катедрата за Општа и компаративна книжевност. Членува во Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика и  во Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност. Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици и застапена во голем број антологии и тематски избори. 

Мартиновски се занимава и со музика и учествувал во музички проекти и изданија на Оркестарот на изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“.

По отворањето на изложбата „Сенката на звукот“ на Мартиновски, на манифестацијата ќе биде промовиран годинашниот зборник „100 Илјади поети за промена“ и ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети. На конкурсот годинава имало повеќе од 200 пријавени учесници. хс/са/

Фото: „Контекст-Струмица“ 

Остани поврзан