• среда, 25 декември 2024

Седница на Уставен суд

Седница на Уставен суд

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Уставниот суд денеска треба да ја одржи 41. седница на чиј дневен ред се три иницијативи за оценување на уставност и законитост и еден предмет за решавање на судир на надлежност.

На дневен ред на седница е иницијативата со која е оспорен член 218 став 1 и 2 од Законот за извршување. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член се нарушува владеењето на правото и субјектите на пазарот се донесени во нерамноправна положба овозможувајќи на државните органи и покрај правосилна и извршна исправа или друг акт да постапува од позиција на моќ со употреба на оспорениот член да не ги плати обврските кои надлежен суд ги утврдил.

Судиите ќе дискутираат и по иницијативата со која е оспорен: делот „правни“ од член 5 став 2 од Законот за Народна банка и делот „поништен“ од член 5 став 3 од Законот за Народна банка.  Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е премногу општа, нејасна и не е прецизна и во таа насока води кон арбитрерност во толкувањето со што би можела да ја наруши правната сигурност на правните и физичките лица. 

На денешната седница ќе се најде и оспорениот Правилник за систематизација на работните места во ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија Скопје. Подносителот на иницијативата тврди дека оспорениот Правилник со кој се уредува избор на раководител е во спротивност со Законот за здравствена заштита бидејќи  таму условите се различни и нема формулација дека раководителот на одделот мора да биде доктор на науки, избран со научно-образовно звање редовен професор, вонреден професор, доцент или научен соработник. 

Судиите ќе дискутираат и по предмет за решавање на судир на надлежност. Предлагачот Стојан Димовски има поднесено барање за огласување на ништовни две Решенија за трансформација донесени од Министерството за транспорт и врски  кои се наоѓаат во поранешна фабрика Алумина АД и Пластика АД со површина од 11 089 квадратни метри, а со кои решенија се трансформира правото на користење во право на сопственост на правните субјекти Алумина АД и Пластика АД. Како основ за поднесеното барање за ништовност на решенијата е право на поднесено барање за денационализација. По извршениот увид Општина Карпош го доставува предлог- барањето до Министерството за транспорт и врски, кое според наводите се прогласува за ненадлежно. Барањето е поднесено и до Владата која информира дека нема правна основа да постапува по истото, односно да го реши судирот на надлежност за постапување помеѓу Општина Карпош и Министерството за транспорт и врски. 

На седницата се предвидени за дискусија и предметите кои беа закажани за 40. седница на Уставниот суд и по кои не се дискутираше поради недобиеното мнозинство за изгласување на дневниот ред. дма/вј/

Фото:МИА архива

Остани поврзан