Роднокрајни поетски средби на Смоларскиот водопад
- Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ денеска со почеток од 17:00 часот, под падините на Беласица, во прекрасниот амбиент на камениот амфитеатар (ресторан Атлантис), во близина на Смоларски водопад, го организира 17-то издание на „Роднокрајни поетски средби“.

Струмица, 26 јули 2024 (МИА) - Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ денеска, со почеток од 17 часот, под падините на Беласица, во прекрасниот амбиент на камениот амфитеатар (ресторан Атлантис), во близина на Смоларскиот водопад, го организира 17-то издание на Роднокрајните поетски средби.
На настанот ќе бидат промовирани две нови поетски збирки и тоа на Марјан Христов Смоларски - „Смоларе во срце те носам“ и на Елизабета Дончевска-Лушин - „Размена меѓу световите“. Промотор на книгата „Смоларе во срце те носам“ ќе биде македонскиот поет Борче Панов, а поетската збирка „Размена меѓу световите“ од Елизабета Дончевка-Лушин ќе ја промовира Сузана Мицева. Сстихови ќе читаат Павле Стојанов, Наташа Василевска-Трајчевска и Васка Ангелова. Модератор на настанот ќе биде Митко Гогов, а музичката поддршка е на талентираниот млад гитарист и вокалист Душко Никовски.
- Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап. Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, а во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа, соопштија организаторите.
Роднокрајни поетски средби досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од земјава и странство. рт/бак/
Фото: плакат