• среда, 27 ноември 2024

Промоција на списанието за млади „Шок“

Промоција на списанието за млади „Шок“

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Во КСП Центар - Јадро во Скопје денеска ќе се одржи промоција на списанието за млади „Шок“. Првиот број на списанието го означува и првиот роденден на „Дума ин Сума“, неформалното здружение за култура создадено од книжевничките Ивана Смилевска, Марија Бошковска и визуелниот уметник Дарко Алексовски.

Од „Дума ин Сума“ соопштија дека во период од една година одржаа пет работилници за креативно пишување со млади во Скопје и Битола и три изложби. „Шок“ е списание за млади создадено од учесничките од првата па сѐ до петтата работилница.

-Работилницата се одржа летово, од 19 до 24 јуни, младите најпрво имаа шанса да истражуваат нефикционални книжевни форми преку читање на колумни, интервјуа, репортажи, патописи, стрипови, читајќи ги македонските периодични изданија - дневните весници, но и „Млад борец“, „Остен“, „Маргина“, „Лифт“, „Македонка“, „Тротоар“, „Современост“ „Екран“, „Наш свет“, „Тин Шема“... Светот на периодиката им беше приближен на учесниците и учесничките и преку посетата на Одделот за периодика при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и Одделот „Книговезница“ а секој/а од младите доби и годишно членство во библиотеката, како поттик за понатамошни истражувања. Впрочем, „Дума ин Сума“ делува со идеата дека пристапот до знаење треба да е подеднаков за сите, велат од здружението.

Дополнително, потенцираат, пријавените на работилницата се здобија и со вештини за креирање, уредување и објавување на свој авторски текст онлајн и во печатена форма, испробувајќи уредување на текст во Wordpress, блог форма или во платформи кои се базираат на вештачка интелигенција.

-Спонтано, се создаде редакцијата која почна да го испишува „Шок“. Инспирирани од содржините, младите напишаа авторски текстови опфаќајќи теми од екологијата, бавната мода, градскиот живот и хрониките на градот, ликовната уметност и квир културата. Плус, „Шок“ не би бил „Шок“ без „Шарените страници“ полни со стрипови, поезија, колажи, раскази и хороскоп, додаваат од здружението.

Како што е најавено, на промоцијата ќе се обратат Марија Бошковска и Ивана Смилевска, а ќе биде промовиранa и веб-страната „dumainsumma.com“, каде што се објавени текстовите напишани на работилниците на „Дума ин сума“, а по промоцијата, списанието „Шок“ ќе биде достапно за бесплатно преземање и читање.

Работилницата „Поетиката на периодиката“ е поддржана од Министерството за култура и туризам преку конкурсот „Цртај на македонски јазик“ 2024.бт/са/

Фото: Плакат

Остани поврзан