• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на романот „Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски

Промоција на романот „Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ од Скопје денеска ќе биде промовиран романот на Паскал Гилевски насловен „Излезе сејачот да сее“, посветен на Блаже Конески.

Како што информираат од Книжарата „Матица“, на страниците од своето најново дело преку дневнички записи, авторот презентира широка слика на бројни животни стории, дилеми, процеси, јанѕи и возбуди на великанот од Небрегово. Од спонтаните средби и непосредно водените дијалози со Блаже Конески, како вешт прозен мајстор, Паскал Гилевски на страниците од романот „Излезе сејачот да сее“ презентира мноштво дилеми и јанѕи што го опседнувале Конески во неговиот живот, неразделно сврзани со судбината на македонските состојби. И во ова најново дело на авторот доаѓа до израз неговата раскажувачка вештина, проткаена со богат и цизелиран јазик, со мноштво нови, досега непознати зборови и раскошни лексеми, што придонесуваат романот да се чита во еден здив и со возбуда, воедно и читателот да го спознае Конески како ретко едноставна и харизматична личност.

Паскал Гилевски (Сетома, 1939)е автор на делата „Брегум-брегум“ (поезија, 1973), „Толкување на уметноста“ (есеи, 1977), „Бегство“ (поезија, 1983), „Глава“ (раскази, 1984), „Знаме во пазувите“ (поезија, 1985), „Зоја“ (роман, 1985), „Животот на песната“ (поезија, на унгарски, 1985), „Двајца црнци зборуваат македонски“ (лирска монодрама, 1986), „Стража“ (раскази, на српски, 1987), „Небесна и земна љубов“ (роман, 1989), „Бездомници“ (раскази, 1989), „Ангели на прогонството“ (роман, 1993), „Ќорсокак“ (роман, 19993, „Поетика на два брега“ (есеи, 1995), „Скомраз“ (роман, 1997), „Расчекор“ (раскази, 1999), „Куќа полна гости“ (поезија и препеви, 1999), „Меланхолија“ (поезија, 1999), Избрани дела I-V (1999), „Повредена интелигенција“ (публицистика, 2000), „Скопски зори“ (раскази, 2001), „Романтизам“ (студија, 2004, со Раде Силјан), „Остров во пеколот“ (роман, 2005), „Од мугра до мугра“ (критики и есеи, 2007), „Нежниот бунтовник“ (роман, 2012), „Посмртна венчавка на моите родители“ (роман, 2014). „По патот на великаните“ – книга за Раде Силјан (2019), „Двајца селски учители“ (роман, 2021).фф/

Фото: Книжара „Матица“

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан