• среда, 27 ноември 2024

Премиерната изведба на претставата „Ла Макбет"

Премиерната изведба на претставата „Ла Макбет

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Во МКЦ вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Ла Макбет", според Шекспир, која е во продукција на „Хибрид“ а во режија на Шенај Мандак.

Во претставата игра Хакан Даци, а продуцент е Тадеа Павловска. Костимографијата е на Ивана Секулоска.

-Во современата адаптација на Шекспировиот „Макбет”, двојноста на човековата природа и процесот на распаѓање се соединуваат во лик кој ги отелотворува и Макбет и Лејди Макбет. Публиката станува дел од комплексниот конфликт меѓу доброто и злото, што ја обележува оваа интригантна приказна. На сцената, универзалните теми на моќта, моралот и човечката психа се оживуваат, предизвикувајќи емпатија и интроспекција за борбите со кои се соочуваат поединците во брзината на современиот живот. Овој спој на сложени ликови не само што ги истакнува длабоките последици од амбицијата, туку ги  открива  и различните реалности на човековото однесување, соопштија од тимот на „Хибрид“.

Како што потенцираат, прецизната анализа на психолошката дезинтеграција на централниот лик нуди длабоко разбирање на неговите внатрешни конфликти и влијанието на неговите одлуки. Сведочењето на неговиот распад нè принудува да се соочиме со вечните борби прикажани во Шекспировото дело, во контекст на нашето време.

-Оваа претстава повикува на разоткривање на сложената поврзаност помеѓу амбицијата, моралот и човечката психа. Со прикажување на овие актуелни теми, “Ла Макбет” станува вечна приказна која поттикнува размислување за егзистенцијалните прашања, длабоко резонирајќи со современата публика и нејзината реалност, потенцираат од „Хибрид“.бт/са/

Фото: плакат

 

 

Остани поврзан