• сабота, 28 декември 2024

Панел: „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“

Панел: „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел организираат панел дискусија на тема „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“.

На панел дискусијата, како што најавуваат организаторите, се очекува да учествуваат високи политички претставници од земјата, претставници на дипломатскиот кор, академската заедница, студенти и други релевантни чинители.

На дискусијата, според најавите, ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски, евроамбасадорот Дејвид Гир, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, претседателката на Либерално демократска партија Моника Зајкова, претседателот на Алтернатива Африм Гаши, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром Тимчо Муцунски.

Настанот ќе го отворат Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење, Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер и Катерина Јакимовска, виш координатор за настани во Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс.

Во вториот дел од настанот ќе биде организиран Младински клуб во рамки на кој ќе се одржат ораторски натпревар на тема: „Зборувам со Европа“, со учество на студенти од поголемите универзитети во земјава, младинска дебата на тема „Зборувам со Европа за мојата европска иднина“; како и квиз на знаење за ЕУ на кој ќе учествуваат средношколци од средните училишта во Град Скопје.

Во рамки на овој настан ќе биде доделена и плакетата за Европска личност на годината. нд/бак/

Остани поврзан