• вторник, 25 март 2025

Од денеска до 27 март симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари

Од  денеска до 27 март симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO) од денеска до 27 март ќе спроведе симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари.  

Според АХВ, цел на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на Агенцијата.

На вежбата ќе присуствуваат претставници од АХВ, од Ветеринарната комора на РСМ, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија како и претставници од Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”. 

-Првиот дел од симулацискта вежба (теоретско – практичен) ќе се спроведе на 25-ти и 27 март (вторник и четврток)  на Факултетот за земјоделски науки и храна, додека вториот дел (теренски) ќе се реализира на 26 март (среда) во село Брњарци, општина Гази Баба. По спроведување на вежбата ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај мали преживари, појаснуваат од АХВ.

Агенцијата за храна и ветеринарство ја известува јавноста дека активностите кои ќе бидат преземени се исклучиво во рамки на предвидените за реализација на симулациската вежба, односно, не се станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари. сст/ев/

Фото МИА архива

Остани поврзан