• вторник, 24 декември 2024

Норвешката писателка Хилде Миклебуст ќе го промовира својот роман за тинејџери во Скопје, Велес и Куманово

Норвешката писателка Хилде Миклебуст ќе го промовира својот роман за тинејџери во Скопје, Велес и Куманово

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Норвешката писателка Хилде Миклебуст денеска во Домот за културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода ќе го промовира нејзиниот роман за тинејџери „Распарчени“, а утре промоција на ова дело ќе одржи во библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес и во библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово.

Делото „Распарчени“ е во издание на „Бата прес“ го преведе Искра Бадева, а објавувањето на книгата е поддржано од Европската унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува 15 книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.

„Распарчени“ е живописен роман за пријателството, за тоа како е можно истовремено да се биде среќен и тажен кога нешто навистина чудесно и нешто навистина ужасно ќе се случат истовремено.

-За Миа и за нејзините школски другари започнува летниот распуст. Долго време ќе бидат слободни. Но, наскоро ќе треба да почнат во средно училиште и секој по својот пат: ќе бидат разделени во различни насоки. Сепак тие го имаа ова лето за да бидат заедно, овде и сега. За време на распустот, Миа и Аре се зближуваат на некој нов, чуден начин и тешко е да се каже дали е тоа другарство или љубов. Штом пристигна есента, Миа се пресели во интернат. Таа блеска во нејзината нова средина на музички план и се впушта во нов средношколски живот исполнет со концерти, забави, животот во интернатот и нови пријатели. Потоа Аре се разболува... Интимна приказна исполнета со силни емоции, се вели во соопштението на „Бата прес“.

Авторката Хилде Миклебуст е родена 1979 година во Норвешка. Таа е една од најреномираните и една од најважните современи авторки во Норвешка. Дебитирала во 2006 година со збирката поезија „Berre dagar“, а во 2008 година ја објави книгата „Søkk“.

Студирала литература и драмска уметност на Универзитетот во Берген. Во мај 2020 година ја доби наградата „Диктартавла“, што се дава на млади норвешки поети. Миклебуст. Има напишано три збирки поезија кои добија високи оценки од книжевните критичари. Исто така има објавено сликовници од кои најпозната е „Илва и дивите кози“ (Ylva og villgeitene) во 2020 година. Беше номинирана за наградата „Браге“ во 2022 година.

Романот „Распарчени“ е нејзиниот прв роман за тинејџери и беше во потесен избор за познатата светска награда „Бели гаврани“ во 2023 година. бт/ев/

Фото: Плакат

Остани поврзан