• сабота, 23 ноември 2024

Концерт на хорот „Кочо Рацин“ на Скопско лето

Концерт на хорот „Кочо Рацин“ на Скопско лето

Скопје, 20 јули 2024 (МИА) - Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ вечер во Сули ан ќе се одржи концерт на хорот „Кочо Рацин“ под диригентската палка на Ангелина Спасовска.

На програмата на концертот, како што соопшти Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, ќе бидат изведени дела од Драган Шуплевски, Стеван Мокрањац, Антон Арнески, С.М. Гајдов, како и народни композиции. Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Хорот „Кочо Рацин“, формиран во 1946 година, во Горно Врановци, е еден од најстарите хорови во Македонија. Од самото негово формирање, низ одбраниот репертоар и посветената работа, хорот дава значаен придонес во презентирање на македонското музичко творештво, поврзувајки ја традицијата и современоста.

Уметничкото водство на хорот, во континуитет е под палката на еминентни имиња на композитори и диригенти од македонската хорска музика, меѓу кои: Трајко Прокопиев, Кирил Спировски, Ѓорѓи Смокварски, Живко Фирфов, Стефан Гајдов, Драган Шуплевски,Томислав Шопов, Летка Димова Полизова и др. Во своето повеќедецениско постоење, хорот има бројни настапи во земјата и странство, и тоа во: Италија, Полска, Романија, Чехословачка, Унгарија, Холандија, Грција, Србија... Последниве години има забележителни настапи на Меѓународни натпревари и фестивали меѓу кои: „Мокрањчеви дани“ (Србија), „Нишки хорски свечености“ (Србија), „ТЕХО“ (Македонија), Интернационален хорски фестивал „Музика и Море“ (Паралија, Грција).

За својата посветена работа во презентирањето на македонското музичко творештво, хорот има добиено и неколку државни награди: Орден за заслуги на народ – Сребрена Звезда, Наградата „Свети Климент Охридски“, Наградата на Град Скопје – „13 Ноември“. Од настапите на меѓународни фестивали, хорот има добиено: Златна Плакета – „Мокрањчеви денови“, бројни дипломи, плакети, пофалници и признанија.

Од 2023 год. со хорот раководи диригентката Ангелина Спасовска, која е родена 1999г. во Скопје. Спасовска своето музичко образование го стекнува на ФМУ - Скопје, при УКИМ, на смер Музичка теорија и педагогија со насока - Хорско диригирање. Студиите успешно ги завршува под менторство на проф. м-р. Сашо Татарчевски. Ангелина Спасовска своето хорско ангажирање го започнува од најрана возраст настапувајки во детскиот хор „Изворче“ во Скопје, а потоа и женскиот хор „Рустико“, под водство на диригентот и педагог, Запро Запров. Таа е долгогодишен активен член во мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при ФМУ Скопје, во Женскиот Младински Хор при МКЦ Скопје, како и во професионалниот мешан хор „Про Арс“, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски. Во текот на студирањето и потоа, има настапувано на бројни концерти и натпревари за хорска музика во Македонија, како и во Србија, Бугарија, Полска, Унгарија, Косово. Воедно, Ангелина Спасовска, учествува и во проекти на FAMES Studio, за снимање на хорска музика, со хорот „Про Арс“ за светски компании и продуцентски куќи. Од 2023 година, со голем ентузијазам, посветеност и љубов, Ангелина Спасовска успешно ја започнува својата диригентска кариера во мешаниот хор „Кочо Рацин“ Скопје. дма/сст/

Фото: Дирекција за култура и уметност - Скопје

Остани поврзан