• сабота, 23 ноември 2024

Започнува „Златна лира“ - Фестивал на музичките уметници на Македонија

Започнува „Златна лира“ - Фестивал на музичките уметници на Македонија

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Во Музејот на македонската борба вечерва ќе биде отворено 18. издание на Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“. Фестивалот е во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), а ќе се одржува до 9 ноември.

Како што посочуваат организаторите, оваа година Фестивалот ќе понуди десет исклучителни концерти со богат и разновиден репертоар, на кои ќе бидат претставени дела од македонскиот камерен опус, како и композиции на светски автори.

-„Фестивалскиот подиум ќе ги пречека уметниците и камерните состави: Пијано трио (Татјана Петрушевска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано), Горан Начевски (баритон) и Николета Конти (пијано), Весна Ѓиновска-Илкова (сопран) и Кристина Светиева (пијано), Дуо пијано Божиновска – Димовска, Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова – Филипова (пијано), Елена Атанасовска Ивановска (пијано), Владимир Костов (виолина) и Цветанка Созовска (чембало), триото „АУРА“ (добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година) и Даница Стојанова (пијано), посочуваат од СМУМ.

Оваа година, можност да настапат на фестивалскиот подиум ќе имаат младите музичари Иван Стојанов (пијано), Ана Кузмановска (виолина), Лина Николоска (виолина) и Антица Николоска (виолина).

На свеченото затворање на фестивалот на 3 ноември ќе биде доделена и наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално ја доделува на музички уметници или ансамбли за врвни уметнички достигнувања во текот на изминатата година.

Во рамките на својата редовна концертна програма, фестивалот „Златна лира“ традиционално ќе ја отстапи својата сцена и на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера. 

Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка на Министерството за култура.бт/ев/

Фото: Плакат

Остани поврзан