• среда, 27 ноември 2024

Дваесетта „Бела ноќ“ во Скопје

Дваесетта „Бела ноќ“ во Скопје

Скопје, 5 октомври 2024 (МИА) – Во Скопје вечер ќе се одржува јубилејната, 20-та „Бела ноќ“, која Град Скопје секоја година ја организира во првата сабота од октомври. Институциите од културата ќе бидат отворени за публиката која ќе може бесплатно да посети изложби, концерти, перформанси, проекции, работилници... Традиционално, по повод манифестацијата „Бела ноќ“, бесплатен ќе биде и јавниот градски превоз од 18 до 2 часот по полноќ.

Во центарот на Скопје вечер ќе има претстава на отворено со улично дефиле, „Сонот на Ербер“, во изведба на француската театарска трупа „Кидам“. Настанот го организира Францускиот институт во Скопје по повод 50-годишнината од своето постоење.

-Пет обемни фигури, високи четири метри, на познатата театарска група од Франција, низ волшебна музика ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото... Настапот на француската театарска група ќе почне со дефиле  од пред Музејот на град Скопје во 20 часот, а потоа продолжува низ улица „Македонија“, преку Камениот мост, до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата во 20.30 часот, соопшти Францускиот институт за изведбата на трупата „Кидам“ која има до 150 настапи годишно низ целиот свет. 

На крајот од настапот на гостите од Франција, на фасадата на зградата „Ибни Пајко“ ќе биде прикажан видеомапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“ во чест на 50 години Француски институт во Скопје.

Во Културно-информативниот центар (КИЦ-Скопје) од 20 часот ќе биде поставена самостојната изложба „Effortless“ на Јана Луловска која ќе прикаже дигитални слики, потоа групната изложба  „Танцот на фотоните“ со фотографии настанати на работилниците на последното издание на Зрно фестивалот за алтернативна фотографија. Тие беа одржани ова лето во село Смилево со учество на четириесетина учесници од цела Европа, под водство на светски мајстори на аналогната фотографија. 

-Ретка можност да се видат вакви, во буквална смисла уникатни фотографии, кои тешко може да се репродуцираат и најчесто ги има само во еден примерок, соопшти КИЦ.

Во оваа установа од културата на Град Скопје ќе може да се посети и групната изложба „Резонанца“ по повод наградата „Борко Лазески“ која младите ликовни уметниции Јана Николовска, Антоанета Малиновиќ и Дорина Tенева, ја добија за 2023 година. 

Покрај изложбите, во КИЦ вечер од 21 часот ќе има и концерт на пијанистката Ана Мазнејкова на кој интегрално ќе биде изведен албумот „Годишни времиња“ на Петар Илич Чајковски.

Кон манифестацијата „Бела ноќ“ традиционално се приклучува и Националната галерија на Македонија која овозможува посета на изложбите во нејзините галериски простори.

Во галеријата Даут-пашин амам е изложбата „120 години од раѓањето на Томо Владимирски“ - поставена во текот на октомври, на која се прикажани дела од еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност. 

Во галеријата Чифте амам, пак, е поставена самостојна изложба на Емил Шулајковски насловена „Сенки во облаците“. хс/нд/

Фото: КИЦ/ НГМ/ Француски институт-Скопје

 

Остани поврзан