• среда, 25 декември 2024

Генерал-потполковник Ѓурчиновски во посета на НАТО корпусот за брзо распоредување во Солун

Генерал-потполковник Ѓурчиновски во посета на НАТО корпусот за брзо распоредување во Солун

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ќе ја посети командата на НАТО корпусот за брзо распоредување со седиште во Солун.

За време на престојот, Ѓурчиновски ќе оствари средба со командантот на НАТО корпусот, генерал-потполковник Атанасиос Гаринис, по што делегацијата ќе има работен состанок со клучниот штабен персонал на НАТО корпусот.

На состанокот меѓу генералите Ѓурчиновски и Гаринис, како што е најавено, ќе се разговара за досегашната воена соработка и можностите и облиците за понатамошни заеднички активности со НАТО корпусот.

Од  Генералштабот на Армијата потсетуваат дека пристапувањето во овој НАТО корпус за брзо распоредување се реализираше во 2023 година, по претходно потпишување на договор за пристапување, со што, како што наведуваат, отпочнавме со учество со еден штабен офицер. На досегашните средби на генералот Ѓурчиновски со командантите на корпусот беа разгледувани можностите за користење на капацитетите на АП „Криволак“ и заедничка обука и вежбовни активности.

- Активна воена соработка Армијата остварува и со НАТО корпусот за брзо распоредување со седиште во Италија, а преку вклучувањето во активностите на овие сили го зголемуваме нашиот придонес во јакнење на колективната сигурност и ги подобруваме нашите способности, обученоста и интероперабилноста при ангажирање во НАТО предводените операции, информира Генералштабот на Армијата. мд/бак/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан