• сабота, 23 ноември 2024

Во Петровец ќе се спроведе симулациска вежба за болеста лигавка и шап

Во Петровец ќе се спроведе симулациска вежба за болеста лигавка и шап

Скопје, 26 април 2023 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и црногорската Управа за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи денеска во село Петровец ќе спроведат заедничка симулациска вежба за болеста лигавка и шап.

Симулациската вежба се организира во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Европската комисија за контрола на болеста лигавка и шап (ЕуФМД).

Од АХВ информираат дека ова не е реална ситуација и не претставува случај на појава на болест. Активностите кои ќе бидат преземени од страна Агенцијата се поврзани исклучиво со реализација на симулациската вежба. Преку оваа вежба, по однапред утврдено сценарио и доделување на улоги и работни задачи на учесниците, ќе се реализираат активности кои би се презеле во случај на појава на болеста лигавка и шап.

Утре ќе се направи евалуација на подготвеноста на планот за итни мерки за лигавка и шап кој се применува од двете земји учесници на симулациската вежба.

- Целта е да се констатираат добрите и слабите страни на одговорот при појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки, односно катастрофи кои го загрозуваат здравјето и благосостојбата на животните, соопшти АХВ. 

На симулациската вежба ќе присуствуваат претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство, на Ветеринарната комора и на Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, како и експерти од Црна Гора и ЕУ. мд/сп/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан