• среда, 25 декември 2024

Бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и локалитетите

Бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и локалитетите

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, денеска е овозможен слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците низ државава.

Од Министерството за култура соопштија дека птворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќа на Тоше Проески; Археолошки музеј; Национална галерија со сите свои објекти; Музеј на современата уметност; Музеј на македонската борба; Историски музеј во Крушево; Музеј на албанската азбука; Уметничка галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музеј на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музеј на тетовскиот крај; Природонаучен музеј; Музеј на Северна Македонија; музеите во Куманово и во Гевгелија.

Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18 Април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети.

Секоја година темите се актуелни, и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.

Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, се додава во соопштението, е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венецијанската повелба“.

На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Синдеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за Тригодишниот научен план 2024 – 2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април го разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема. цр/са/

Фото: Министерство за култура

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан