• понеделник, 23 декември 2024

„Арт Поинт - Гумно“ го почнува одбележувањето на 20-годишниот јубилеј

„Арт Поинт - Гумно“ го почнува одбележувањето на 20-годишниот јубилеј

Скопје, 17 јуни 2023 (МИА) - Со ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на „Арт Поинт - Гумно“ од демирхисарското село Слоештица, што ќе биде поставена во Офицерскиот дом во Битола, Центарот вечер го почнува чествувањето на 20-годишното креативно делување.

- Поминаa точно две декади откако германскиот уметник Хубертус Хес претвори дел од старата дрвена ограда на чардакот во „Ангел чувар“ на гумното во Слојштица. Со ова, симболично отпочна делувањето на визионерската рожба на семејството Андреевски - меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт - Гумно“. Низ годиниве, на креативното гумно продефилираа, ни помалку, ни повеќе - 80 врвни уметници од целиот свет, соопшти „Арт Поинт - Гумно“. 

Дел од извонредното уметничко богатство – 65 слики, скулптури и фотографии, низ кои провејува убавината што уметниците ја доживуваат за време на гостувањето, ќе бидат пренесени од гумното во Слоештица во Кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола. Изложбата, како што е најавено, ќе ја отвори младата македонска писателка, уредник и преведувач Јулијана Величковска. 

Планирано е на есен истата оваа поставка да биде претставена и пред скопската публика во МКЦ - Скопје.

Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура, а реализацијата на оваа изложба ја поддржа и КИЦ Офицерски дом – Битола.

Плакатот за изложбата е дизајниран од македонската уметница Јасмина Главинче.

Во рамки на одбележување на јубилејот, организаторите планираат и други настани. мд/сп/

Фото: „Арт Поинт - Гумно“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан