Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ ќе биде прикажан во МКИЦ во Софија
- Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, вечерва, од 18.30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ по сценарио и во режија на Гоце Цветановски.
Скопје, 29 јануари 2026 (МИА) - Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, вечерва, од 18.30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ по сценарио и во режија на Гоце Цветановски.
- Премиерата на филмот во Софија се одржа во 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот центар. Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто - соопшти МКИЦ во Софија.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак, кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества и со силна доза македонски хумор.
- Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација. Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст придонесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал - соопшти МКИЦ во Софија. хс/са/
Фото: Македонски културно-информативен центар во Софија