• вторник, 24 декември 2024

Германско-иранската драма „Празни мрежи“ и овој викенд во Кино Милениум и Кинотека

Германско-иранската драма „Празни мрежи“ и овој викенд  во Кино Милениум и Кинотека

Скопје, 7 декември 2024 (МИА) - Германско – иранската драма „Празни мрежи“, филмското деби на режисерот Бехруз Карамизаде и овој викенд (7 и 8 ми декември) повторно на репертоар во Кино Милениум, со почеток од 16:00 часот.

На 7 и 10 декември, филмот ќе се прикажува и во Кинотека на Македонија во терминот од 18:00 часот.

- Оваа моќна реалистична драма на Бехруз Карамизаде, ја раскажува приказна за Амир и Наргес, двајца млади во своите дваесетти, кои се чини дека ја пронашле вистинската љубов во родниот крај на брегот на Каспиското Море. Но, во денешен Иран, љубовта сама по себе не е доволна за да создадат заеднички живот, па затоа нивната врска мора да остане во тајност. За да ја добие наклоноста на богатото семејство на Наргес и да собере пари за соодветен мираз, Амир е принуден да заработи набрзина. Притиснат од околностите, тој прифаќа работа во локалниот рибен пазар, каде што се вовлекува во опасниот, но профитабилен свет на шверцот со кавијар. Во меѓувреме, Наргес купува време и се обидува да го одложи договорениот брак што нејзините родители го планираат за неа, раскажуваат од „КТ Филм и Медиа“.

Филмот имаше премиера на фестивалот во Карлови Вари во главната конкуренција. Во 2021 година ја освои German Screenplay Award, а во 2022 наградата за пичирање на European Work in Progress во Келн.

Дистрибутер на филмот е „КТ Филм и Медиа“ од Битола, а дистрибуцијата е поддржана од German Films. ир/нд/

Фото: „КТ Филм и Медиа“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан