• среда, 27 ноември 2024

Началникот на ГШ на Армијата Ѓурчиновски на Конференција на Воениот комитет на НАТО во Талин, Естонија

Началникот на ГШ на Армијата Ѓурчиновски на Конференција на Воениот комитет на НАТО во Талин, Естонија
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој се наоѓа во работна посета на Естонија, утре ќе учествува на редовната Конференција на Воениот комитет (ВК) на НАТО која се одржува во Талин, Естонија. На Конференцијата која официјално ќе биде отворена денеска од страна на претседавачот на ВК, адмирал Роб Бауер и претседателот на Естонија, Алар Карис, во текот на утрешниот ден началниците на Генералштабовите ќе разговараат на повеќе теми согласно агендата. -Притоа во неколку издвоени сесии ќе се дискутира за теми поврзани со воените стратегиски случувања во рамки на Алијансата, како и за НАТО предводените мисии и операции, меѓу кои и операцијата на НАТО во Косово (КФОР) во која Армијата на Република Северна Македонија учествува со свој контингент, соопштија од ГШ на Армијата на Република Северна Македонија. Воедно, се додава во него, началниците ќе се осврнат на спроведувањето на одлуките донесени на Самитот на НАТО во Мадрид, поврзани со спроведување на политиката за одбрана и одвраќање, како и за промоција на разновидноста и иновациите во сојузничките вооружени сили, како и за дигиталната трансформација со цел поддржување на различни домени во изведување на операциите. Генералот Ѓурчиновски во текот на престојот во Талин, ќе оствари средби со началниците на Генералштабови на Армиите на Италија, Франција, Норвешка, Романија, Грција и Бугарија на кои ќе се разговара за теми од билатералната воена соработка. Ова е заседание на Воениот комитет на НАТО на  ниво на началници на Генералштабови, кое еднаш годишно се реализира во една од земјите членки, додека редовните сесии се изведуваат двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел. На оваа сесија за прв пат на Конференцијата ќе присуствуваат во улога на поканети и началниците на Генералштабовите на Армиите на Финска и Шведска. сст/са/    

Остани поврзан