• сабота, 23 ноември 2024

Началникот на Генералштабот, Ѓурчиновски прв пат на состанок на Иницијативата за соработка во одбраната 

Началникот на Генералштабот, Ѓурчиновски прв пат на состанок на Иницијативата за соработка во одбраната 

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски од денеска е во официјална посета на Република Хрватска, каде утре прв пат ќе учествува на состанокот на началници на генералштабови на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната (DEfence Cooperation Initiative - DECI).

На состанокот официјално ќе се означи и приклучувањето на Република Северна Македонија и Армијата во оваа безбедносна Иницијатива формирана под покровителство на Италија во 2012 година и во која членуваат Италија, Албанија, Австрија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Унгарија.

Иницијативата предводена од Италија е од регионален карактер и е фокусирана на соработка меѓу армиите на земјите членки на НАТО од Јадранското и Балканското подрачје кои споделуваат заеднички интереси во полето на одбраната.

-Во досегашното постоење оваа иницијатива се покажа како особено важен инструмент за зајакнување и развој на меѓусебното партнерство и соработка и е истакнат носител на активности со кои се придонесува во развојот на мирот, стабилноста и безбедноста на регионот. Воедно се истакнува важноста на меѓусебната поврзаност на процесот на одбранбено планирање во рамките на НАТО и ЕУ, информираат од Генералштабот.

За времетраење на состанокот, генералот Ѓурчиновски ќе има можност да разговара со своите колеги за повеќе теми од взаемен билатерален интерес во полето на одбраната, вклучувајќи ги и актуелните безбедносни случувања, како и разговори за можностите и начините за зајакнување на дијалогот за безбедноста и стабилноста на регионот.

-Со нашето приклучување во оваа безбедносна иницијатива уште еднаш ја потврдуваме заложбата за зајакнување на соработката и безбедноста на регионално ниво, како услов за непречен просперитет на регионот, истакнуваат од Генералштабот. мч/дма/

фото: Генералштаб на Армијата 

Остани поврзан