Началникот на Генералштабот на Армијата на состанок на Воениот комитет на НАТО
- Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, утре и задутре ќе учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
Скопје, 20 јануари 2025 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, утре и задутре ќе учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
Како што се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата, на состанокот, со кој ќе претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, ќе учествуваат началниците на генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич, и командантот на Врховната сојузничката команда за трансформација (SACT), адмирал Пјер Вандие (Pierre Vandier). Началниците на генералштабовите на сојузничките земји ќе се сретнат и со претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.
Во рамките на првата сесија, се додава во соопштението, генералот Гринкевич ќе ги информира началниците на генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на алијансата во услови на заеднички безбедносни предизвици.
Во втората сесија командантот на Врховната сојузничката команда за трансформација ќе даде акцент на можноста како НАТО да го забрза процесот на испорака на соодветни капацитети преку поддршка на земјите членки во усвојувањето и имплементацијата на иновации во соодветен обем и со соодветна динамика.
Во формат на советот НАТО - Украина началниците на генералштабовите ќе дискутираат за безбедносната состојба во Украина и за континуираната поддршка на НАТО кон оваа земја, вклучително и за НАТО-безбедносната помош и обука за Украина (NATO Security Assistance and Training for Ukraine - NSATU) и заедничкиот Центар за анализа, обука и едукација (Joint Analysis, Training and Education Centre). На оваа сесија е поканет да учествува и претседателот на Воениот комитет на Европската Унија.
Во продолжение на состанокот, се вели во соопштението, на Воениот комитет на НАТО, ќе се нагласи стратешката улога на партнерствата во справувањето со меѓусебно поврзаните и растечки глобални безбедносни предизвици преку средби со претставници на индо-пацифичките партнери на НАТО и Грузија.
Генералот Лафчиски, како што посочуваат од Генералштабот, во оваа пригода ќе реализира и билатерална средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди, а ќе оствари и средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО-штабот во Брисел, Кралството Белгија. ац/вј/
Фото: Генералштаб на АРМ