• сабота, 23 ноември 2024

„Нафтогас“: Судот во Хаг и нареди на Москва да плати пет милијарди долари отштета за заплената на нашиот имот на Крим

„Нафтогас“: Судот во Хаг и нареди на Москва да плати пет милијарди долари отштета за заплената на нашиот имот на Крим

Хаг, 13 април 2023 (МИА) - Украинската државна гасна компанија Нафтогас денеска соопшти дека Арбитражниот суд во Хаг и наложил на Москва да плати отштета од пет милијарди долари за нелегалната експропријација на нејзините имоти на Крим, полуостров што Русија го анектираше во 2014 година.

Извршниот директор на Нафтогас, Олексеј Чернишов, ја нарече пресудата на Арбитражниот суд „клучна победа на енергетскиот фронт“ и рече дека очекува повеќе одлуки во корист на Украина.

„И покрај обидите на Русија да ја опструира правдата, Арбитражниот суд и наложи на Русија да и надомести на „Нафтогас“ за загубите од пет милијарди долари“, соопшти украинската енергетска компанија.

„Русија сега мора да се придржува до оваа одлука во согласност со нејзините обврски според меѓународното право“, се додава во соопштението.

Русија го анектира полуостровот Крим во 2014 година, предизвикувајќи бран санкции од Западот. „Нафтогас“ покрена арбитражна постапка со шест други компании во рамките на својата групација во октомври 2016 година.

Тим Еш, аналитичар во „BlueBay Asset Management“, изјави дека пресудата е „огромна правна победа за Украина“ и дека тој мисли дека ќе има повеќе.

„Нафтогас“ е во преговори со инвеститорите за реструктуирање на долгот со цел да ја извади компанијата од банкрот. сд/

Остани поврзан