• среда, 27 ноември 2024

Наследниците на Марадона ја загубија судската битка, Златната топка ќе се продава на аукција

Наследниците на Марадона ја загубија судската битка, Златната топка ќе се продава на аукција


Париз, 30 мај 2024 (МИА) – Францускиот суд одлучи дека аукцијата на трофејот што му беше доделен на легендарниот фудбалер Диего Марадона за најдобар играч на Светското првенство во 1986 година може да се одржи според планираното, и покрај противењето на неговите наследници, изјави денеска нивниот адвокат.
Наследниците на Марадона се обидоа да ја спречат аукцијата на Златната топка, која легендарниот Аргентинец ја освои во 1986 година на Светското првенство во Мексико, со поведување итен судски спор.
Адвокатот Гил Мор изјави дека судската пресуда „не е поволна за наследниците на Диего Марадона“. Тој додаде дека неговите клиенти биле изненадени од пресудата на судот во Нантер.
Трофејот треба да се најде на аукција следниот четврток во Париз, објави претходно аукциската куќа Агит.
Овој трофеј беше изгубен со децении, но неодамна излезе на површина. Наследниците на Марадона велат дека трофејот е украден и тврдат дека сегашниот сопственик нема право да го продаде.
Аргументот на аукциската куќа е дека тој што го купил трофејот пред многу години не знаел дека е украден.
Марадона го доби тој трофеј на церемонија во кабарето Лидо на Шанзелизе во 1986 година. Трофејот подоцна исчезна и за него кружеа разни гласини.
Според една од верзиите, Марадона го загубил на покер или го продал за да си ги плати долговите. Се шпекулираше и дека Марадона го чувал во банка во Неапол, која била ограбена од локални гангстери во 1989 година, кога тој играше за локалниот Наполи.
Диего Марадона, кој почина во 2020 година на 60-годишна возраст, ја освои Златната топка во 1986 година, за најдобар играч на Светското првенство во кое ја предводеше Аргентина до титулата. ег ФОТО: Икс

Остани поврзан