Насирзаде: Техеран ќе возврати доколку САД или Израел го нападнат
- -Доколку оваа војна ја започнат САД или ционистичкиот режим (Израел), Иран ќе ги нападне нивните интереси, бази и сили, каде и да се и кога и да смета дека е потребно, изјави Насирзаде за иранската државна телевизија.
Техеран, 5 мај 2025 (МИА) - Иранскиот министер за одбрана Азиз Насирзаде денеска изјави дека Техеран ќе возврати доколку САД или Израел го нападнат.
Британските медиуми наведуваат дека коментарот на Насирзаде следеше на верувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ќе му возврати на Иран затоа што Хутите, кои се поддржани од Техеран, истрелаа ракета што падна во близина на главниот аеродром во Израел.
-Доколку оваа војна ја започнат САД или ционистичкиот режим (Израел), Иран ќе ги нападне нивните интереси, бази и сили, каде и да се и кога и да смета дека е потребно, изјави Насирзаде за иранската државна телевизија.
Иран не е непријателски настроен кон соседните земји, но во случај на напад, американските бази лоцирани во регионот ќе се сметаат за цел за Техеран, истакна Насирзаде.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно денес изјави дека Израел ќе им одговори на Хутите и нивните ирански „господари“ откако јеменската бунтовничка група, поддржана од Техеран, започна ракетен напад врз главниот меѓународен аеродром во Израел.
„Нападите на Хутите доаѓаат од Иран“, напиша Нетанјаху на платформата X.
Тој истакна дека Израел ќе одговори на нападот на Хутите во време и место што ќе го избере кога ќе ги таргетира „нивните ирански терористички господари“.
Ракета испалена од Хутите падна во близина на аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, кревајќи облак од чад и предизвикувајќи паника кај патниците во терминалната зграда, јавија британските медиуми.
Според израелските медиуми, во нападот се ранети најмалку шест лица.
Воениот портпарол на јеменските Хути, Јахја Сари, изјави претходно денес дека групата ја презема одговорноста за ракетата лансирана на аеродромот Бен Гурион во близина на Тел Авив.
Во видео изјава, Сари го повтори предупредувањето до авиокомпаниите дека аеродромот „веќе не е безбеден за воздушен сообраќај“, јавија британските медиуми.
Како што изјави висок функционер на Хутите, Мохамед ал-Бухаити, за катарскиот телевизиски канал Ал-Араби, Хутите со овој напад ја демонстрираа својата способност да напаѓаат чувствителни цели во Израел.
Тој додаде дека групата поддржана од Иран „нема црвени линии“ во својата борба против Израел.сд/
фото:МИА архива