• среда, 25 декември 2024

НАСА сподели повеќе слики од „Веб“, најмоќниот вселенски телескоп изграден досега 

НАСА сподели повеќе слики од „Веб“, најмоќниот вселенски телескоп изграден досега 

Вашингтон, 12 јули 2022 (МИА) - Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА) денеска претстави серија слики што го откриваат потенцијалот на „Џејмс Веб“, досега најголемата и најмоќна вселенска опсерваторија пуштена во употреба. 

Се смета дека напредните технологии со кои е оспособен овој телескоп ќе го променат начинот на кој луѓето ја гледаат вселената. 

На настан што започна претпладне во вселенскиот центар „Годард“ во Мериленд, а кој беше пренесуван во живо на Јутјуб каналот на НАСА, официјални лица и претставници на агенцијата споделија сцени снимени во првите недели од работата на „Веб“, лансиран во декември.  

Опсерваторијата, наместо околу Земјата  како претходниот вселенски телескоп „Хабл“, кружи во орбита околу Сонцето на растојание од 1.5 милиони километри од нашата планета. 

Четирите слики претставени денеска ја прикажуваа небулата Карина, потоа снимка на четири галаксии наречена Квинтет на Стефан, атмосферски отчитувања од планетата ВАСП-96б која кружи околу далечна ѕвезда и сцена од планетарната небула Јужен Прстен. 

Претседателот Џо Бајден во Белата куќа синоќа откри „длабоко поле“ на вселената, претстава од галаксии создадени во време многу поблиско до почетокот на вселената. Вселенскиот телескоп и мисијата се дело на НАСА, а учествуваа и Канадската вселенска агенција (КСА), како и Европската вселенска агенција (ЕСА). кб/паг/

Тагови

Остани поврзан