• сабота, 23 ноември 2024

Нарoдната банка втора година по ред го поддржува нашиот тим за учество на Меѓународната економска олимпијада

Нарoдната банка втора година по ред го поддржува нашиот тим за учество на Меѓународната економска олимпијада

Скопје, 19 јули 2024 

Јакнењето на финансиската писменост на населението во нашата земја е приоритет за Народната банка, којашто презема едукативни активности за различни возрасни групи. Меѓу нив е и поддршката којашто втора година по ред ја обезбедува централната банка, преку подготовка на наши ученици, претставници на Меѓународната економска олимпијада. 

Народната банка одржа серија предавања за учениците, наши претставници на овогодишната олимпијада: Миша Веселински, ученичка во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје,  Сара Тошевска, од трета година и Никола Бојчев, од втора година во ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“, Скопје, како и Јован Оџаков, ученик во втора година во СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија.

Беа одржани презентации на стручни теми и беше одржан виртуелен квиз од страна на вработени од Дирекцијата за монетарна политика и истражување, Дирекцијата за статистика и Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација при Народната банка. Учениците и нивните ментори имаа можност да го посетат и Музејот на Народната банка и притоа да се запознаат со богатата нумизматичка збирка на монети коишто се користеле на територијата на нашата земја од најстари времиња до денес.

Меѓународната економска олимпијада e престижен меѓународен натпревар по економија за учениците од средните училишта, којшто се одржува од 2018 година наваму, а годинава ќе се одржи од 22 до 31 јули во Хонг Конг. Целта на овој настан е преку натпревар да се зајакнат знаењата на учениците од областа на економијата и да се поттикне натпреварувачкиот дух и меѓународното поврзување на учесниците. Минатата година, нашиот учесник на Меѓународната економска олимпијада освои бронзен медал.

Предавањата и активностите одржани во централната банка се во рамките на Меморандумот за соработка во доменот на финансиската едукација, за потребите на Меѓународната економска олимпијада, склучен помеѓу Народната банка и Сојузот на математичари. Целта на соработката со Сојузот на математичари е откривање, поддршка и поттикнување на натпреварувачкиот дух кај учениците со особен талент и знаења од областа на економијата, финансиите и бизнисот.

Народна банка

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан