• среда, 27 ноември 2024

Народна банка: Натамошно забавување на инфлацијата, при што на среден рок ќе се врати кон историскиот просек од 2 проценти

Народна банка: Натамошно забавување на инфлацијата, при што на среден рок ќе се врати кон историскиот просек од 2 проценти

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и на дипломатските претставништва на Бугарија, Кина, Косово, САД, Словачка, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шпанија и Шведска, соопштија од Народната банка.

Во презентацијата било наведено дека се предвидува натамошно забавување на инфлацијата, којашто минатата година се сведе на едноцифрено ниво, во согласност со остварувањата во првиот квартал оваа година, со просечна годишна стапка од 3,4 отсто, коишто се пониски од октомвриските проекции.

Се предвидува дека просечната инфлација за 2024 година ќе забави сведувајќи се на 3,5 отсто, од 9,4 отсто минатата година, одразувајќи го натамошниот пад на цените на нафтата и храната на светските пазари, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и затегнатите финансиски услови.

На среден рок, се очекува натамошно забавување на инфлацијата и нејзино сведување на историскиот просек од околу 2 проценти.

-Сепак, ризиците околу инфлацијата сѐ уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи, промените на регулираните цени, како и со политиките на страната на побарувачката. Притоа, гувернерката истакна дека засега е задржана определбата за претпазливост во монетарната политика, а идните промени ќе зависат од трендовите на девизниот пазар и движењето на инфлацијата и инфлациските очекувања, како и од поставеноста на ЕЦБ, се вели во соопштениет од Народната банка. 

Осврнувајќи се на останатите макроекономски показатели, гувернерката посочила дека при раст на глобалната економија, а особено на нашите трговски партнери, се очекува дека македонската економија ќе расте со стапка од 2,6 проценти оваа година и 3,6 проценти во следната година, а потоа растот умерено ќе забрза на среден рок. При проектирани солидни нето-приливи на финансиската сметка, коишто би го надминале умерениот дефицит на тековната сметка, се очекува натамошен раст на девизните резерви, како гаранција за стабилноста на девизниот курс.

-Глобалните услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата за водење претпазливи домашни макроекономски и структурни политики. Народната банка внимателно, на дневна основа, и натаму ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок, се посочува во соопштението. сст/аа/

ФОТО: НБРСМ

 

Остани поврзан