• петок, 08 ноември 2024

Народна банка: Банкарскиот сектор е стабилен, пропаѓањето на СВБ нема директни ефекти

Народна банка: Банкарскиот сектор е стабилен, пропаѓањето на СВБ нема директни ефекти

Скопје, 14 март 2023 (МИА) - Пропаѓањето на американската Банка на Силиконската долина (СВБ) нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем, имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање, информираа денеска од Народната банка. 

Оттаму посочуваат дека според процените на релевантните меѓународни институции, а пред сѐ на регулаторите во САД, последните случувања во американскиот банкарски систем не би требало да имаат ефекти врз финансиската стабилност во САД, а оттаму не се очекуваат ниту позначителни преносни ефекти врз глобалната финансиска стабилност.

- Во овој контекст, последните случувања во банкарскиот систем во САД нема да имаат директни ефекти врз нашиот банкарски систем, имајќи предвид дека нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, вклучително и кон американската економија и американските банки, односно само 6,6 проценти од вкупните обврските на банкарскиот систем се кон странство, а само 5 проценти од побарувањата се од странство. Понатаму, билансите на нашите банки се исклучително солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната декада), соодветна ликвидност и одличен квалитет на кредитното портфолио, нагласуваат од Народната банка.

Нашиот банкарски систем, како што посочуваат од Народната банка, има традиционален деловен модел, заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање. Ова е многу поразлично од деловниот модел на американската банка, којшто е една од клучните причини за нејзиното пропаѓање, а се заснова врз висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност (хартиите од вредност учествувале со 60 проценти во вкупната актива на Банката на Силиконската долина). 

- Нашиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84 проценти во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица коишто учествуваат со 60 проценти во вкупните средства на банките и коишто имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност коишто се издадени од нерезиденти е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1 процент, се појаснува во соопштението од Народната банка. бак/ац/

Остани поврзан