• петок, 05 декември 2025

Народната банка ги зајакна капацитетите за климатските ризици со поддршка на ЕИБ

Народната банка ги зајакна капацитетите за климатските ризици со поддршка на ЕИБ

26 мај 2025 
 
Народната банка успешно ја заврши обуката за климатските ризици во партнерство со Европската инвестициска банка (ЕИБ), како дел од Програмата за зелени финансиски системи. Со оваа соработка, Народната банка значително ги зајакна своите капацитети за справување со климатските предизвици и за поддршка на зелените инвестиции.

 

Во рамките на програмата, над 50 вработени од Народната банка добија обука за климатските ризици, зелените финансии и финансиската регулатива којашто се однесува на одржливоста во работењето на банките. Стекнатите знаења ќе се споделат и со други финансиски институции во земјава, заради подобро управување со климатските влијанија во целиот сектор.

 

„Управувањето со климатските ризици е наш стратегиски приоритет. Благодарение на партнерството со ЕИБ, сега сме подобро подготвени за да ги вградиме климатските аспекти во нашите политики и за да го поддржиме преминот кон одржлива економија“, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

 

„Горди сме што ја поддржуваме Народната банка во нејзината посветеност на одржливоста. Ова партнерство придонесува за инвестирање во енергетска ефикасност и приспособување на компаниите кон климатските промени, што е важно за долгорочната конкурентност на економијата“, посочи Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ за Северна Македонија.

 

Беа изработени и мапи за климатските ризици за земјава и беше спроведено национално истражување за свесноста кај компаниите за одржливо работење и за влијанието на климатските промени врз нивното работење. Програмата обезбеди и стручна поддршка за Народната банка за воспоставување рамка за известување од страна на банките за климатските ризици, според меѓународните стандарди.

 

Програмата е финансирана од Министерството за економија и климатска акција на Германија преку Меѓународната климатска иницијатива (ИКИ).

Народна банка 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото:НБ 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан