• среда, 25 декември 2024

„Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора

„Народен непријател“ гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора

Скопје, 14 јули 2023 (МИА) - Македонскиот народен театар (МНТ) во јули со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе гостува на два меѓународни фестивали во Црна Гора.

Како што информира МНТ, нашата претстава ќе биде изведена в недела (16 јули 2023 година) во 21 часот на 37. фестивал  „Град театар“ во Будва, што се одржува од 5 јули до 22 август. 

Годинава слоганот на фестивалот е „Сила, храброст и глупост“. Во текот на 49-те фестивалски денови, на овој престижен собир на уметности ќе настапат околу 620 учесници во драмската, литературната, музичката и визуелната уметност.

Програмата е конципирана на повеќе локации: на сцената меѓу црквите, во црквата „Санта Марија“, Плоштадот на поетите, улиците на Стариот град, на платото пред хотелот „Авала“ и во амфитеатарот на манастирот Стањевиќи.

Второто гостување ќе се случи на 18. меѓународен театарски фестивал „Пургаторије“ – Тиват. Покрај скопската претстава, чија изведба е закажана на 18 јули на летната сцена со почеток во 21:30 часот, во натпреварувачката програма ќе учествуваат уште осум претстави од Белград , Загреб, Нови Сад, Подгорица, Тиват и од Сплит.

Во „Народен непријател“ играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски/Григор Јовановски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.

Од МНТ посочуваат дека „Народен непријател“ совршено кореспондира со кризата со која повторно се соочува нашето општество.

-Доктор Стокман е ангажиран маж, но е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека е неопходна итна жртва, колку и да е тоа болно, а Ибзен е вешт и ги покажува механизмите како поединецот да зборува за системската неправда и автоматски се карактеризира како предавнички, информира МНТ. мд/са/

Остани поврзан