• понеделник, 23 декември 2024

Наратив - тема на годинашниот симпозиум на византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први"

Наратив - тема на годинашниот симпозиум на византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Наратив е темата на годинашното 11. Издание на Меѓународниот симпозиум на византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први" што почна денеска, а ќе се одржува до 12 ноември во Музејот на македонската борба во Скопје.

Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.

Г.г Стефан, Архиепископ охридски и македонски на Јустинијан први, на симпозиумот рече дека е голема важноста на имањето наратив и негово почитување, одржување и пренесување. Тој посочи дека без општ наратив, општеството нема смисла и нема иднина.

-Силата на споделуваниот наратив е животоносна. Заедницата ќе постои само ако постои оној кој верува во заедништвото, во заедничкиот наратив, во заедничката приказна, во заедничките идеали и во заедничкото минато. Без тоа, општеството ќе биде само еден збир на индивидуаи, денес го има, а утре веќе не, рече г.г. Стефан.

Како што додаде, најголемата опасност за секој народ и за секоја цивилизација не е сиромаштијата, туку немањето на општ наратив, немањето на кажано со јазикот на светото писмо, на јазикот на божествената литургија.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во своето обраќање денеска посочи дека симпозиумот претставува пример за успешна соработка меѓу Италија и Македонија.

-Токму ликот и делото на Јустинијан Први, византиски владетел, овозможува научна и културна поврзаност меѓу Италија и Македонија. Темата Наративи со децении се употребува во стручен термин и вклучува од една страна приказна, фабула, но од друга страна однос на содржината на искажаната приказна кон стварноста, што подразбира идеолошко вреднување на настаните. Тие нешта зависат од конкретниот раскажувач, па од тука често се случува една иста приказна двајца раскажувачи различно да ја раскажат, појасни Коцарев.

Тој додаде дека денешниот симпозиум се однесува на синтагмата национален наратив. 

-Од тука произлегува прашањето - Кој е македонскиот наратив, македонската национална приказна и како македонскиот наратив се вреднуваше од 1945 година до денес, посебно во последните десетина години. Кој е македонскиот наратив за византиски и средновековниот период? Одговорот на овие прашања, според мене, барем во делот на градење на зачувување на македонската национална свест го претставува едниот од двата круцијални предуслови за опстојување на државата, додаде Коцарев.

Тој смета дека односот на политичарите во Македонија кон македонскиот јазик и кон македонскиот наратив треба да се анализира во два периода, до 1991 година и по 1991 година.

-За жал, односот на политичаите во суверена Македонија кон македонскиот јазик и кон македонскиот наратив се карактеризира со непостоење на каква било државна или политичка и партиска политика и се сведува само на мислење на одредени политичари и неколку историчари, кои се карактеризираат со неконзистентност и често менување заради постигнување на одредени повисоки цели, што доведува до парадоксални состојби, додаде Коцарев.

Митко Панов, претседател на Меѓународниот организациски и научен комитет, кој денеска го промовираше Зборникот на трудови од Х Меѓународниот симпозиум за византиски и средновековни студии, во своето обраќање на конференцијата рече дека и ова издание на денови на „Јустинијан Први" го манифестира карактерот на традиционалноста и хуманоста во научната промоција на византиските и средновековните студии, како цивилизациска придобивка на наследството на Обединета Европа.

-Наспроти сериозни предизвици со кои се соочува современото човештвото на војни и злоупотреби на историските наративи и тенденции на присвојување на историското и културно наследство, преку Деновите на Јустинијан градиме научни и културни мостови, поврзувајќи го Институтот за национална историја со Институтот во Болоња, а со тоа и Македонија со Република Италија и професорите и истражувачите ширум светот, рече Панов.

Симпозиумот е во организација на Институтот за национална историја - Универзитетот Св Кирил и Методиј, Универзитетот во Болоња, во партнерство со Богословскиот факултет Св Климент Охридски. Поддржан е од Италијанската амбасада, Музејот на македонската борба, МАНУ,  Македонската православна црква - Охридска архиепископија и винаријата Стоби. бт/ев/

ФОТО/МИА и Архива 

Остани поврзан