• четврток, 26 декември 2024

Напредок од два индексни поени и девет позиции на Индексот на перцепција на корупција за 2023

Напредок од два индексни поени и девет позиции на Индексот на перцепција на корупција за 2023

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Северна Македонија напредна за два индексни поени и девет позиции на најновата листа на Транспаренси интернешнл, која што го оценува напредокот на земјата во борбата против корупцијата. Според Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, Северна Македонија се наоѓа на 76 место со 42 индексни поени, споредно со 2022 година кога беше на 85 место со 40 индексни поени.

Од земјите во регионот најдобра, иако без промени во однос на минатата година е Хрватска со 50 индексни поени и се наоѓа на 57 позиција. Најлошо рангирана, иако со напредок од еден индексен поен е Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 108 позиција. Грција има пад од три места и се наоѓа на 59 место со 49 индексни поени. Црна Гора со напредок од 1 поен е на 63 место со 46 индексни поени. Бугарија има напреднато за две места и се наоѓа на 67 место со 45 индексни поени. Албанија има напреднато за една позиција и се наоѓа на 98 место со 37 индексни поени. Косово, без поместување со 41 поен е на 83 место, додека Србија нема поместување и се наоѓа на 104 место со 36 индексни поени.

Од вкупно 180 земји, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава се наоѓа во друштво на Бахреин, Кина, Куба, Унгарија, Молдавија и Тринидад и Тобаго.

Најголем скор и годинава има Данска со 90 индексни поени, по што следи Финска со 87 и Нов Зеланд со 85. Најлошо рангирана е Сомалија со 11 индексни поени, по што следат Венецуела, Сирија и Јужен Судан со по 13 индексни поени.

Во Извештајот се нотира дека во септември 2023 година, Собранието на Северна Македонија значително го поткопало судството. Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во Извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери.

Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, генерално, покажува дека корупцијата напредува низ целиот свет.

Над две третини од земјите имаат резултат под 50 од 100, што силно укажува дека имаат сериозни проблеми со корупцијата. Глобалниот просек е заглавен на само 43, додека огромното мнозинство земји не постигнале напредок или опаѓале во последната деценија. Уште повеќе, оваа година 23 земји паднаа на најниските резултати досега.

Северна Македонија се наоѓа во регионот на Источна Европа и Централна Азија со 19 земји, чиј просечен скор е 35 индексни поени. Најдобро рангирани се Црна Гора – 46 индексни поени, Ерменија – 47 и Грузија – 53. Најлошо рангирани се Туркменистан – 18 индексни поени и Азербејџан со 23 индексни поени.

Индексот дава вознемирувачка слика за регионот на Источна Европа и Централна Азија, област која, како што се вели во Извештајот за 2023 година, се бори со нефункционално владеење на правото, пораст на авторитаризам и системски корупцијата. Просечниот резултат од 35 поени од 100 го прави втор регион со најниски резултати во светот. аа/ац/

Остани поврзан