• понеделник, 23 декември 2024

Назми Ибраимов, последниот ковач во Делчево: Железото се кова додека е жешко, но само ако има кој да го кова

Назми Ибраимов, последниот ковач во Делчево: Железото се кова додека е жешко, но само ако има кој да го кова
Делчево,  октомври 2020 (МИА) - Железото се кова додека е жешко, но само ако има кој да го кова. Назми Ибраимов кој е последниот ковач во Делчевско вели дека во неговиот случај нема кој да го замени бидејќи неговиот син е во странство, а од останатите млади нема интерес за овој занает кој во Пијанец е во изумирање. - Кој работи ќе има, кој не работи ништо нема да има. Јас сум единствен ковач тука, нема друг во градот. Децата се по странство, синот знае да работи, но е во странство, да ја остави таму работата и да дојде овде ова да го работи е нешто незамисливо. Останатите млади не го прифаќаат, така што засега сум само јас во Делчево, вели Ибраимов. Секоја сабота чичко Назми своите ковачки мајстории ги продава на градскиот пазар во Делчево. Околните продавачи и неговите соседи велат дека е првокласен мајстор чија работа е слабо платена. - Добар мајстор, прва класа, тој е еден од најстарите мајсторите во Делчево. Тоа што тој го работи е уметност, вели Шемши Ковачев чија тезга е блиску до онаа на делчевскиот мајстор. Неговата сосетка која долги години е во Германија вели дека неговата работа е слабо платена. - Јас сум му сосетка, не сме се виделе одамна, затоа сум тука сега да се видиме со комшијата. Баш му честитам на неговата работа. За неговата работа можам да кажам дека тој треба да биде платен и признаен. Неговиот занаетот треба да се унапредува и младите треба да го прифатат. Секое добро му пожелувам, вели сосетката на чичко Назми. Ибраимов поризведува од секири и тесли до клинови и косири со кои некогаш се работело. Цените на она што го изработува делчевскиот занаетчија се пристојни, но како што вели тој секогаш има простор за пазарење. -Ова е маша, (покажува кон неговите производи), ова е клин за цепење дрва, копач, мала и голема секира, тесли. Ова е косир, со него порано се работело, сега не работат младите. Инаку за мене не е тешка изработката но клиновите за избивање дрва се најтешки за правење и одземаат најмногу време. Цените отприлика се 1000 за клиновите, секирите ги продавам за 1500 денари, малите 500 денари, теслите исто така ги продавам за 500 денари и така по ред. Сепак колку бараме не можеме да земеме, затоа се договораме со муштериите, додава Ибраимов. Освен она што го видовме изложено на градскиот пазар Ибраимов изработува и плугови, рала, паличници или со еден збор сето она што се употребува од страна на земјоделците за успешно извршување на неговата работа. Ибраимов е само еден од неколкумината занаетчии кои останаа доследни на она што го научиле од своите претци и се уште со иста жар и љубов ја работат како некогаш. Во Делчевско во моментот најразвиено е резбарството, додека од останатите занаети тешко може да се најдат мајстори. Доказ дека занаетите во Делчево се во изумирање може да се поткрепи со фактот што во Делчево во последните месеци можат да се забележат калајџии од соседна Република Бугарија. Поради тоа што во Делчево се ретки калајџиите, мајсторите од Ќустендил се задоволни што ако не можат во својата земја да заработат, заработка како што велат имаат кај своите браќа во Македонија. Валери Спасевски 

Тагови

Остани поврзан