• среда, 27 ноември 2024

Над 500 мартинки споделија со граѓаните возрасните и младите од Црвен Крст Крива Паланка

Над 500 мартинки споделија со граѓаните возрасните и младите од Црвен Крст Крива Паланка

Крива Паланка, 1 март 2024 (МИА) - На заеднички работилници со меѓугенерациска соработка меѓу возрасните лица, корисници на Дневен центар за стари лица со активно стареење при Црвен Крст Крива Паланка и Клубот на млади волонтери, изработени се повеќе од петстотини мартинки по повод почетокот на месецот на пролетта. Тие денеска симболично се делеа на минувачите кои донираа средства за помош и поддршка на ранливи категории лица.

-Во прекрасна атмосфера, возрасните, и дамите и оние од посилниот пол, вкупно 35 корисници од Дневниот центар за престој на стари лица со активно стареење, заедно со волонтерите од Клубот на млади, изработуваа мартинки, во име на Ксантика, стар македонски празник на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината. Беа изработени над петстотини црвено-бели нараквици кои денес ги израдуваа граѓаните, а тие ,пак, не останаа рамнодушни и донираа средства во поставените кутии за донации, информира секретарот на ОО Црвен Крст Крива Паланка Дарко Пешовски.

Тој посочи дека ваквата симбиоза на волонтерите и корисниците е континуирана, а сите тие уживаат во заедничкото поминато време. Младите, како што рече, црпат искуство и знаења од повозрасните, а возрасните се чувствуваат корисни во заедницата, што им го продолжува животот. ид/мд/


Фото: МИА 

Остани поврзан